Комеморација за актерот Мите Грозданов во Драмски театар

27.11.2018 12:45

Актерите се простија од Мите Грозданов. Во неговата матична куќа се одржа комеморација. На сцената на Драмскиот театар, Грозданов оствари 70-ина улоги. Доајенот на македонското глумиште почина завчера во 75-та година од животот...

Драмскиот театар имаше чест да биде матична куќа на Грозданов од 1968-ма година, па сѐ до пензионирањето во 2008-ма. Има одиграно над 150 улоги во театарски претстави. Беше духовен водач на „Театар Македонија“, каде што како педагог, режисер и учител, низ неговите раце поминале многу генерации на млади и талентирани актери, рекоа за големиот Мите Грозданов, колегите. Неговата дарба е константно потврдувана низ умешноста да се искачи на скалилата на уметноста до врвот на нејзиниот Олимп.

Актерите никогаш не умираат, тие кристализираат во споменот што е јадрото на човековото живеење, рече режисерот Бранко Ставрев, славејќи го името на актерот.

Со својот богат, раскошен талент, уникатен и универзален, допирлив и разбирлив, покрај многубројните улоги, Грозданов е и автор на поезија. Ги објави книгите песни „Откорнат од душата“, „Земјанец“ и „Ме болат мислите“.

 

Александра Спировска