Политика

Заев очекува поголема поддршка за уставните измени

27.11.2018 12:56

Премиерот Заев очекува поголема поддршка за предлог- уставните измени. На одделни средби разговарал и со други членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Шефот на владата смета дека е потребно помирување, но не и целосна амнестија...

Шефот на владата, Заев изрази надеж дека и во оваа фаза, но и по јавната дебата за уставните измени, бројката од 80 пратеници ќе се зголеми. Ваквата констатација доаѓа по разговорите со дел од 8-те независни пратеници, но и со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и екс-министерот за здравство Никола Тодоров. Тие го увериле дека иако се исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, комуницирале со пратеници од партијата. Продолжуваме, вели Заев врз основа на разговорите, аргументите и врз основа на одговорноста која сите ја имаме, да се обидеме да помогнеме во целиот процес.

Премиерот нагласи дека искрено верува во Координативното тело за помирување и со задоволство би учествувал на него, зашто, како што рече, оваа закрвавеност, омраза во нашето општество, треба да помогнеме сите заедно да се надминат, особено во периоди кога сите сме за стратешките цели- членството во НАТО и во ЕУ.

А во Унгарија, пак, политичкиот азил на поранешниот македонски премиер Груевски, меѓу главните теми. Одговарајќи ја прашања од пратениците во Парламентот, премиерот Виктор Орбан, повтори дека му е благодарен на Груевски за затворање на бегалската рута и кажа дека бил прогонуван на меѓународно ниво од Сорос.

Орбан, оценувајќи ја сегашната ситуација во Македонија, рече дека се случуваат политички игри, во кои, како што кажа, вмешано е и владеењето на правото. Прашан од унгарската опозиција дали се сретнал со Груевски, Орбан одговори дека немал време да диши, а не пак, да се сретне со екс- премиерот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска