Политика

Собранието поладнево ќе одлучува за имунитетот на Груевски

27.11.2018 14:13

Без присуство на членовите од ВМРО-ДПМНЕ и без расправа, со пет гласа „за“, Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, донесе заклучок да му препорача на Собранието да му се одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски. Спикерот Џафери за 17 часот закажа пленарна седница...

Речиси без расправа по шесте барања од судот, со пет гласа „за“ и без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања со заклучок- на Собранието да му предложи одземање на имунитетот на пратеникот и екс- премиер Никола Груевски. Постапуваме по контрадикторна состојба да решаваме за имунитет на лице кое е осудено и е во бегство, рече претседателот на Комисијата, Богоевски.

„Морам да изразам разочарување што нашиот систем не успеа да го обезбеди присуството на осуденото лице Никола Груевски за издржување на затворската казна. Мора се спроведе темелна истрага и да се утврди одговорност каде системот потфрлил при обезбедувањето на присуството на Груевски за издржувањето на казната. Ова искуство мора да ни послужи како лекција за да ги идентификуваме и многу брзо да ги корегираме системските недостатоци кои доведоа до оваа ситуација“, рече Богоевски.

За разлика од седницата кога не му беше одземен мандатот на Груевски поради немање двотретинско мнозинство, сега за одземање на имунитетот потребно е просто мнозинство, односно 61 глас „за“.

Барањата за притвор на судот до Собранието се однесуваат за предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Насилство во Центар“, „Траекторија“ и „Талир“, за две кривични дела. За набавката на мерцедесот, во предметот „Тенк“, екс премиерот веќе е осуден на две годишна казна затвор.

Како куриозитет, Комисијата за седницата го известила и Никола Груевски. Претседателот Богоески појаснува дека бил известен преку личниот мејл и преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Миле Ристески