Енергетската ефикасност ќе ја намали енергетската сиромаштија
Вториот парламентарен форум за Југоисточна Европа, посветен на енергетската ефикасност и на климата. Поттик парламентарците проблематиката да ја стават високо на своите политички агенди. Според истражувањата, 50 милиони луѓе во Европската унија се засегнати со енергетската сиромаштија...

Целта на Вториот парламентарен форум за Југоисточна Европа посветен на енергетската ефикасност и на климата е да се поттикнат парламентарците оваа проблематика да ја стават високо на своите политички агенди. Организаторот, Отворениот регионален фонд на ГИЗ, очекува фокусот да биде на најдобрите парламентарни практики за енергетска ефикасност и креирање политики за намалување на енергетската сиромаштија во регионот.
Според истражувањата 50 милиони луѓе во ЕУ се погодени од енергетската сиромаштија, од кои најголем дел во: Романија, Бугарија и во Хрватска, додека проблемот е далеку поизразен во земјите од Западен Балкан.
„За да се реши проблемот со енергетската сиромаштија потребна е токму енергетската ефикасност. Впрочем тоа е единствената мерка која што истовремено ги намалува сметките за енергија и што веднаш ги подобрува условите за живеење. Во ЕУ 50 милиони луѓе се засегнати со енергетската сиромаштија, а најголем дел се во: Романија, Бугарија и во Хрватска. Но во регионот овој проблем е далеку поизразен“, изјави Славица Робиќ, експерт за енергетска ефикасност од Хрватска.
Кога се говори за кредитирање инвестиции во енергетска ефикасност засега од регионот најдалеку е отидена Хрватска. Преку Фондот за енергетска ефикасност за вакви инвестиции се даваат од 40 до 60% неповратни средства.
Наша цел е да ги поврземе парламентите на регионално ниво, заеднички да ја застапуваат оваа тема, а кога ќе се вратат дома, во националните парламенти да работат на реализирање на договорените политики на енергетска ефикасност и намалување на енергетската сиромаштија, вели проект-менаџерот Јасна Секуловиќ.
„Темите кои што можеби не се толку високо на политичката агенда, како што се политиката на енергетската ефикасност и политиката на заштита, со помош на парламентарците во регионот на југоисточна Европа, да ги промовираме и таа тема да добие на значење“, изјави Јасна Секуловиќ- проект менаџер во ГИЗ.
Состојбите се менуваат и нашите парламентарци стануваат свесни за важноста на овие теми, вели Секуловиќ, споредувајќи ги денешните состојби во однос на 2011-та кога почна да функционира регионалниот фонд.
Свето Николовски
