Србите од Косово се повлекуваат од функциите
На Косово тензично. Протест на Србите во северниот дел и оставки на српските градоначалници, поради како што велат, дискриминаторската политика на официјална Приштина. КФОР за деновиве најавува вежбовни активности...

Челниците на Косовска Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечане поднесоа оставки од функциите поради како што велат, прекршување на човековите и економските права на Србите. Собранието на општина Митровица донесе декларација за прекинување на комуникациите со приштинските власти, а судовите ја прекинаа работата.
„Локалните самоуправи избрани според косовскиот систем повеќе нема да функционираат во наредниот период. Ги прекинуваме сите работи“, изјави Зоран Тодиќ, претседател на Општината Лепосавиќ.
Градоначалникот на Косовска Митровица, Горан Ракиќ во образложението на својата оставка како причина ја наведе континуираната репресија која ја спроведуваат косовските институции.
„Оставка поднесувам поради антицивилизациските, противправни и нехумани такси на српска стока од 100 насто, што го загрозуува правото на живот, лекување, јавно информирање и опстанок на Србите. Причина е и претепувањето на политичките претставници на српрскиот народ, неоснованото апсење на граѓани и обидот за убиство на потпретседателот на Српска Листа, Милан Радоичиќ“, изјави Горан Ракиќ, градоначалник на Косовска Митровица.
Во заедничката декларација се наведува дека одлуката е конечна и дека останува на сила до како што стои, целосното повлекување на сите дискриминаторски мерки на Приштина.
Најголемата партија на косовските Срби, српската листа повика на протест поради одлуката на косовската Влада за зголемување на таксите за увоз на производи од Србија и од Босна и Херцеговина на 100 насто.
Протестите се одржуваат пред Канцеларијата на Европската унија и Еулекс во северниот дел на градот. Граѓаните носат транспаренти на со натписи „ЕУ отвори ги очите“, „Имаме право на леб“, „Не ги изгладнувајте нашите деца“.
Во меѓувреме КФОР соопшти дека во следните денови ќе изведе вежби во северно Косово согласно мандатот добиен од резолуцијата 1.244 на Советот за безбедност.
Марина Ристова
