Дождот ѝ помогна на есенската сеидба
Дождовите последниве денови беа добредојдени за есенската сеидба во прилепско, сметаат агрономите. Поради октомврискиот сушен период, роковите се пролонгираа, дождот нешто спаси, но факт е дека се намалени површините со житни култури. Земјоделците стравуваат да не паднат температурите и доцна посеаното да не замрзне...

Иако задоцнет, дождот колку- толку ѝ помогна на есенската сеидба. По октомврискиот сушен период, се пречекорија оптималните услови, но дождот, велат агрономите, не дозволи целосно да пропаднат есенските работи.
За земјоделците, посеаното е уште помало. Сега, велат, стравот е да не паднат температурите за што житните култури не се доволно поникнати да се заштитат од студот. Ќе бидат потребни поблаги температури, а потоа снежна покривка за заштита.
Поради пролонгираните рокови од две до три недели, над 20 насто од површините остануваат за на пролет.
Според подрачната единица на Министерството за земјоделство, во прилепско есенва се засеани 14.000 хектари, од кои 9.100 со пченица и се помалку и од планираното и од ланското производство.
Елизабета Митреска
