Во Собранието расправа за загадениот воздух
Во Собранието јавна расправа за загадувањето на воздухот. Пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ предложи мерки за намалување на аерозагадувањето. Популистичкиот настап нема да помогне во решавање на проблемот, оценува заменик- министерот за животна средина. Невладините посочуваат- главен виновник за загадувањето е Министерството за животна средина...

Набавка на нови инструменти за мерење на аерозагадувањето, извештај за детектираните загадени точки во земјава, субвенции за хибридни возила и печки на пелети, пренасочување на товарните возила од централното градско подрачје- се дел од 19- те мерки за намалување на аерозагадувањето кои пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ ги предложи во Собранието. Пратеникот Влатко Ѓорчев вели- Македонија е најзагадена во Европа, а од буџетот биле одвоени минимални средства за справување на состојбата.
„Со Планот за чист воздух аерозагадувањето ќе се намали за 50 проценти, зошто заменик- министерот не почна со ова од првиот ден. Овој план како и сите планови на оваа Влада апсолутно ќе потфрли, ќе доживее фијаско и резултати нема да има“, изјави пратеникот Влатко Ѓорчев.
Популистичкиот настап нема да помогне во решавање на проблемот, оценува заменик- министерот за животна средина, Јани Макрадули, предлагајќи запознавање на луѓето во нивните домови за да објасни какво е загадувањето предизвикано од некои енергенси. Додаде и дека на околу 1.000 семејства ќе им се помогне во промената на начинот на затоплување.
„За жал, граѓаните не сакаат да загадуваат ама поради ниската калорична моќ на дрвата бидејќи некој им ги продава водени за да тежат повеќе, тие се принудени да ставаат и пластика, некои искористено моторно масло. Тоа најмногу штети на децата во куќата, потоа на соседите и затоа ни треба помош од невладините организации“, вели Јани Макрадули, заменик- министер за животна средина.
Од невладината „Еко свест“ посочуваат- главен виновник за загадувањето е Министерството за животна средина. Регулативите не се почитуваат, се носат закони, а истите не се спроведуваат. Прашуваат, кога здравјето конечно ќе стане приоритет.
„Постојната меѓународна и национална законска регулатива не се спроведува доследно. Министерството се насочува само кон запазување на формата, но не и на суштината, на заштитата на животната средина и природата. И истото не ги планира ниту ги спроведува потребните активности и програми кои реално се приоритети за земјата и граѓаните“, вели Стојан Нешоски од невладината организација „Еко свест“
Инспекциските служби треба почесто да контролираат, бараат невладините, и предлагаат мерките да почнат со автобускиот превоз, таксистите, кај превозот на стоки и службените возила, поради значителниот удел во загадувањето на воздухот.
Андријана Атанасовска
