Одземен пратеничкиот имунитет на Груевски
Со 62 гласа „за“, Собранието без расправа му го одзеде имунитетот на Никола Груевски. Кривичниот суд побара мерка притвор за предмети што ги води Специјалното јавно обвинителство. На седницата не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Екс- премиерот пребега во Унгарија и доби политички азил...

Никола Груевски остана без пратеничкиот имунитет. Без дебата во Собранието со 62 гласа „за“, пратениците му го одземаа имунитетот на нивниот колега, на барање на Кривичниот суд за шест предмети за кои беше побарана мерка притвор за Груевски. На собраниската седница не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Речиси без расправа по 6-те барања од судот, со 5 гласа „за“ и без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања на Собранието му предложи одземање на имунитетот на пратеникот и екс- премиер Никола Груевски. Постапуваме по контрадикторна состојба да решаваме за имунитет на лице кое е осудено и е во бегство, рече претседателот на комисијата, Богоевски.
За разлика од седницата кога не му беше одземен мандатот на Груевски поради немање двотретинско мнозинство, сега за одземање на имунитетот потребно бешепросто мнозинство, односно 61 глас „за“.
Барањата за притвор на судот до Собранието се однесуваат за предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Насилство во Центар“, „Траекторија“ и „Талир“ за две кривични дела. За набавката на мерцедесот, во предметот „Тенк“, екс- премиерот веќе е осуден на две годишна казна затвор. Како куриозитет, Комисијата за седницата го известила и Никола Груевски. Претседателот Богоевски појаснува дека бил известен преку личниот мејл и преку пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ.
Викторија Милевска
