Прв состанок на телото за помирување
По неколку неуспешни обиди, прв состанок на собраниското тело за помирување. На дневен ред нацрт- законот за амнестија за собраниските настани од 27-ми април, подготвен од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Власта спроведува селективна правда, став на ВМРО-ДПМНЕ.

Зад затворена врата, прв состанок на собраниското тело за помирување. На дневен ред драфт- верзијата на законот за амнестија за собраниските настани од 27-ми април, подготвен од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Сѐ уште е неизвесно кои лица би биле опфатени и дали евентуално би имало и преквалификација на делото.
Координативното тело го предводат потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група, а брои 25 членови меѓу кои потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, и претставници на независните пратеници и партиите кои немаат пратенички групи.
„На денешната седница се согласивме да формираме три подгрупи за реформата, интеграцијата и помирувањето. Интеграцијата се однесува на уставните измени за членство во ЕУ и НАТО. Втората подгрупа е за поширок план на помирување и ќе работи на решенија поврзани со настаните за 27-ми април. Ќе има долгорочен план. Третата подгрупа, ќе биде за реформски процес по ЕУ- агенда. Тоа ќе го овозможиме преку инклузивен процес и носење одлуки за реформи и двотретински закони да се градат преку консензус“, рече Ременски.
„Не дадовме бланко-потписи, процесот на помирување и интеграција е условен“, изјави пратеничката Емилија Александрова по првиот состанок на телото за помирување. Апелираше процесот да почне што поскоро и посочи дека очекува уште денес или утре групите да почнат со работа. „Очекуваме да се забрза процесот, нема да бидат лесни процесите, но свесни за иднината на државата во оваа ситуација нема простор за импровизации“, изјави Александрова.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека на овој начин се спроведува селективна правда. Пред два дена не помина нивниот предлог за целосна амнестија за осудените, обвинетите или осомничените лица за собраниските настани.
