Реформи

Евиденција на лицата без документи

28.11.2018 13:58

Во Македонија 650 лица се без статус. Тие се во посебен регистар и со евиденциски број. Владата со мерки за регистрација на лицата без документи. Во април беше објавен јавен повик сите оние кои не се евидентирани во матичните книги да пополнат прашалник за полесна регистрација и остварување на основните права...

Македонија се соочува со проблемот на нерегистрирани лица. Точниот број никој не го знае, само од април се пребројани 650 луѓе без документи. Проценките се дека нивниот број се движи од 1.500 до 2.000. Најголемиот дел се Роми, кои не знаат како да дојдат до лични документи или немаат финансии.

„Постои податок од 2015-та дека има околу 500 нерегистрирани лица. Ние од април заедно со МВР откривме 650, кои во Управата се во посебен регистар и имаат посебен идентификациски број“, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјала.  

Луѓето кои не се регистрирани не можат да ги остварат основните граѓански права. Властите најавуваат правна рамка за фантомите, кои се во државата, но не се во евиденцијата.

„Кога зборуваме за концептот - Едно опшество за сите, ние застапуваме став дека никој да не биде запоставен“, нагласи премиерот Зоран Заев.

Според правниците, постојат два начина како да се регистрираат овие луѓе. Едниот е преку посебна вонпарнична постапка, вториот преку измени на законот за матична евиденција.

„Да се предвиди посебна вонпарнична постапка за утврдување на граѓански идентитет на одредени лица. Судовите немаат волја, полесен начин е измена на Законот за матична евиденција“, вели Борче Давитковски, професор на Правниот факултет во Скопје.

Решавањето на проблемот со лицата без документи го поддржуваат и меѓународните организации. Европската унија подготви акционен план за регистрација на Ромите од  Западен Балкан. Од УНХЦР велат, секој човек на планетава има универзално право на државјанство. ОБСЕ бара подигање на свеста за проблемот.

Македонија е единствената држава во Европа која нема закон за статусот на нерегистраните лица.

 

Ирина Гелевска