ПОЧИНА ПОЗНАТИОТ ДРАМСКИ ПИСАТЕЛ ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Актерите и режисерите се простуваат од Стефановски: Уште си тука, кажи ни дека нема смрт!

28.11.2018 14:50

Актерите и режисерите се простуваат од брендот на македонската драматургија, Горан Стефановски. Остави печат со неговите дела „Бушава азбука“, „Диво месо“, „Тетовирани души“. Стефановски е добитник и на многубројни признанија и награди. Телеграми со сочувство од претседалот Иванов и премиерот Заев...

„Наш Горане, не можеме да бидеме поголеми од тебе во зборот и затоа ќе те повикаме тебе со твоја реч. Уште си тука зад кулиси, само излезен на пауза. Кажи ни дека нема смрт!“. Со оваа емотивна порака, колегите од Драмскиот театар се збогуваа со еден од најплодните и најпознати автори, мајстор на својот занает, Горан Стефановски.

Тој во своите драми ги опишуваше човечките судбини, историјата на македонскиот народ, со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разидувања, стремежот за подобро утре.

Актерката Милица Стојанова во тага вели, ја имав честа да играм во речиси сите негови пиеси. И кога молчи, Горан говори. Не беше наметлив, беше многу едноставен и скромен човек.

„Диво месо, Дупло дно, Лет во место... еден кроток, еден умен човек- Човек. Темите негови се брилијантни, неповторливи, наши, човечки“, вели актерката Милица Стојанова.

На социјалните мрежи, од големиот драматург се простуваат негови пријатели, соработници, актери.

Неговите драми „Диво месо“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“ и уште многу други, засекогаш ја обележаа македонската културна сцена.

Горан Стефановски по кратко боледување почина во Велика Британија, на 66- годишна возраст.

 

Александра Спировска