Политика

ВМРО-ДПМНЕ на улица, Мицкоски бара избори

29.11.2018 10:04

Опозицијата на протест во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, маршираше до Владата и побара предвремени избори. Партискиот лидер обвини за водење лоши политики, за понижување на македонецот, за распродажба на националните интереси. Секоја среда ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира во главниот град, преку неделата во различни места низ земјава...

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на собирот пред Владата најави крај на националното понижување и погубните економски политики. На првиот од серијата протести, тој рече дека ќе го порази Заев на избори.

Мицкоски повика на обединување на партиското ткиво, но побара поддршка и од граѓаните кои се противат на политиките на Владата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека првата победа ја очекува на претстојните претседателски избори.

Само со конкретна и издржана програма може да се освои довербата на граѓаните. Нема да ветиме 500 километри автопатишта, рече Мицкоски, но ќе изградиме патишта кои ќе бидат безбедни, а со реална стратегија ќе го намалиме аерозагадувањето за 30 насто. Најави дека ќе се протестираат секоја среда, а освен во Скопје, собири ќе има и во другите градови.

СДСМ со реакција за говорот на Мицкоски. Од партијата велат – Македонија оди напред и деструктивното ВМРО-ДПМНЕ не може да ја запре.

„Мицкоски е последната форма за одбрана на криминалот на Груевски, кој повторно покажа дека нема што да им понуди на граѓаните, освен поделби, деструкција и изолација“, велат од владејчката партија.

 

Анита Димитријевска