Почина академик Блаже Ристовски
Ќе остане во сеќавање неговата целосна посветеност кон работата, кој со зрелоста на неговите научни достигнувања значајно придонесе во афирмацијата на македонската историографија.

Почина академик Блаже Ристовски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Ќе остане во сеќавање неговата целосна посветеност кон работата, кој со зрелоста на неговите научни достигнувања значајно придонесе во афирмацијата на македонската историографија.
Академик Ристовски го посвети целиот свој работен век како неуморен и многу плоден истражувач на македонската литература, на јазичната и националната историја, на фолклорот, на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла, кои се објавени во голем број книги.
Неговиот научноистражувачки интерес беше насочен кон истражување и афирмација на националните дејци од XIX и XX век – Крсте П. Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Петар Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Наце Димов и други. Објавил над 800 статии и други прилози во разни списанија и зборници на трудови во земјата и во странство.
Собраните дела на Крсте Мисирков претставуваат еден од најзначајните проекти на академик Блаже Ристовски во Македонската академија на науките и уметностите, којшто со документиран, аналитички и критички приод ја претстави панорамата на македонскиот културно-национален развиток во еден клучен период од нашата историја.
Академик Ристовски е роден на 21 март 1931 година во с. Гарниково, Кавадаречко. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата за литература на народите на СФРЈ и македонски јазик), а по одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – живот и делото“ (1965), бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје.
Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја (1977-1991) каде што раководел со тимот за културната историја и со Балканолошкото одделение, а до пензионирањето работи како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп (1993-1995).
Од 1991 до 1992 година, академик Блаже Ристовски ја вршеше функцијата потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија.
Погребот на академик Блаже Ристовски ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје утре, во 13 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата од 12 до 13 часот.
По повод смртта на академик Блаже Ристовски, во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи Комеморативна седница утре во 10:30 часот.
