Крим

Расте напнатоста меѓу Украина и Русија

29.11.2018 13:24

Украина и Русија во вербална престрелка поради инцидентот во теснецот Керч меѓу Азовското и Црното Море. Киев бара НАТО да ги распореди бродовите кај Крим, Путин го обвини Порошенко за оркестрирана криза пред претседателските избори во Украина наредната година...

Растат тензиите меѓу Киев и Москва откако Русија ги блокираше украинските пристаништа во Азовско Море. Украинскиот министер за инфраструктура соопшти дека две украински пристаништа во Азовско Море, Бердјанск и Мариупол, се под руска блокада и е забранет влезот и излезот од нив. Русија пак, ги негира обвинувањата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека не му е познато оти има некакви проблеми, додавајќи дека поморскиот сообраќај низ Керчинскиот проток, што ги поврзува Азовското и Црното Море, се одвива нормално.

Украинскиот претседател Порошенко го обвини неговиот руски колега Путин дека сака ја возобнови старата Руска Империја и поради тоа да ја припои цела Украина кон Русија. Порошенко упати апел до Германија, која е најголем увозник на руски гас, да се откаже од изградбата на гасоводот „Северен поток 2“, преку кој енергенсот би требало директно да се пренесува од Русија до германските потрошувачи преку Балтичкото море, при тоа заобиколувајќи ја сегашната траса што минува низ Украина.

Во интервју за германски „Билд“ ги отфрли тврдењата на Русија дека трите украински брода нелегално влегле во руските води на Азовското Море и дека тоа било провокација. И порача на јавноста да не им верува на лагите на Путин.

Украинските власти побараа од НАТО да стационира воени бродови во Азовското Море и да ја поддржи Украина во спорот со Русија.

„Побарав од генералниот секретар на НАТО да го засили присуството на земјите членки во Црното Море. Тоа може да биде најдобрата гаранција за безбедност од руската агресија“, изјави Андриј Парубиј, претседател на украинскиот Парламент.

Европската унија соопшти дека е „исклучително загрижена“ поради „опасното зголемување“ на тензиите меѓу Русија и Украина, додавајќи дека не се планирани нови санкции против Москва.

За сите овие барања на Порошенко, Путин кратко коментираше- украинскиот претседател сака да воведе таканаречена оркестрирана криза поради изборите кои Киев треба да ги организира наредната година.

Путин денеска го свика и Советот за национална безбедност на Руската Федерација. Во меѓувреме турскиот претседател Ердоган изјави дека разговарал со претседателите на Русија и на Украина за можноста за посредништво во смирувањето на тензиите меѓу двете земји.

Заострувањето на односите меѓу Киев и Москва резултираше со прогласување воена состојба во дел од Украина и дополнително вооружување на руските сили кај Крим. Москва испрати уште еден противаавионски систем С-400 на Крим за да го заштити теснецот Керч на кој беше изграден мостот меѓу полуостровот и Руската Федерација.

Марина Ристова