Министерство за транспорт

Законски е продадено градежното земјиште кај паркингот спроти ГТЦ

29.11.2018 15:30

Законски е продадено градежното земјиште кај паркингот спроти ГТЦ, тврдат од ресорното министерство. Со деталниот урбанистички план се предвидува изградба на три шеесеткатници. Градоначалникот Богдановиќ посочува дека мораториумот за градби е во сила. Најави дека за проектот ќе решава и стручната фела...

Градежното земјиште кај паркингот спроти ГТЦ е продадено законски, тврди Министерството за транспорт и врски. Според ресорот, целата постапка е транспарентна, а со регулативата дозволено е дооформување на парцела доколку сопственикот поседува 30 проценти.

Од Министерството објаснуваат и дека цената на градежното земјиште се пресметува согласно со уредбата. Земјиштето е продадено за 19.200 денари за квадратен метар.

Првиот Закон за градежно земјиште по осамостојувањето бил донесен во 2001-та година. Тогаш цената за квадратен метар во главниот град изнесувала 1.500 денари.

Со Деталниот урбанистички план се предвидува изградба на три 60- катници. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ посочува дека мораториумот за градби е во сила. Најави дека за проектот ќе решава и стручната фела.

„Нашата тенденција е намалување и отргнување на нешто што е претходно донесено, и затоа го правиме тоа ревидирање. Нашата борба е што е можно повеќе да заштитиме слободни површини“, вели Богдановиќ.

Градежната парцела е со површина од речиси 13.653 квадратни метри.

 

Дијана Ценевска