Дводневен самит на Г20
Кремљ жали за откажувањето на средбата Путин- Трамп во Аргентина каде што се одржува самитот на 20- те најразвиени земји. Инцидентот меѓу Русија и Украина го засени дводневниот настан кој и годинава не мина без протести. Граѓаните во Буенос Аирес и порачаа на нивната влада да се посвети на домашните проблеми. Германската канцеларка Ангела Меркел оди со комерцијален лет откако нејзиниот авион принудно слета во Келн поради технички проблеми.

Најновата криза меѓу Русија и Украина и трговската војна меѓу САД и Кина во центарот на годинашниот самит на Г20 во Аргентина. Американскиот претседател Трамп го откажа состанокот со неговиот руски колега Путин поради инцидентот меѓу Украина и Русија во теснецот Керч. Кремљ изрази жалење за одлуката на американската Влада бидејќи, според портпаролот Песков, се пропушта можноста да се разговара за прашања, важни за меѓународните и за билатералните односи.
Напредок не се очекува ни за решението за трговскиот спор меѓу Вашингтон и Пекинг, кој резултираше со воведување тарифи за кинески производи. САД најавува нова серија царински давачки за Кина, а во Аргентина ќе го доврши долгоочекуваниот трговски договор со Канада и Мексико кој е замена за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА).
Самитот е и своевиден тест за саудискиот принц бин Салман за истрагата за вмешаноста на Ријад во убиството на неговиот жесток критичар, новинарот Џамал Кашоги, во конзулатот во Истанбул. Емануел Макрон, лидерот на Франција која воведе санкции и забрана за движење на 18 државјани од Кралството поради случајот, е првиот претседател од Западот кој ќе има средба со принцот по убиството.
И годинашниот самит на Г20 мина со протести. Демонстрантите се незадоволни-Аргентина е домаќин на настанот во период кога и самата е дел од длабока економска криза.
„Преживуваме тежок период, не е време да се викнат сите овие претседатели кај нас. Владата мора да ги исполни барањата на нашата земја, а не оние однадвор. Ова воопшто не ни треба. Г20 не ни помага никако.“
„Сакаме да сме слободни и независни. Луѓето сакаат да си ја изберат економијата што им одговара. Не ни треба неолиберална економија, глад, уништување каква што ни дава оваа влада.“
Локалните левичарски групи планираат собири и на други места во земјата. Распоредени се 22 илјади полицајци. Пред почетокотот на Самитот се случи и инцидент со авионот во кој патуваше германската делегација со канцеларот Меркел. Ербасот мораше принудно да слета поради затајување на комуникациите во леталото, по што атерираше во Келн, Состојбата била сериозна, пишува германски Шпигел.
Маја Филдишев
