Најтензичен Самит на Г- 20
Кремљ жали за откажувањето на средбата Путин- Трамп во Аргентина каде што се одржува самитот на 20- те најразвиени земји. Инцидентот меѓу Русија и Украина, трговската војна меѓу САД и Кина и убиството на саудискиот новинар Кашоги - меѓу главните теми на дводневниот настан кој и годинава не мина без протести и инциденти...

Кремљ жали што американскиот претседател Трамп го откажа состанокот со неговиот руски колега Путин поради инцидентот меѓу Украина и Русија во теснецот Керч бидејќи, според портпаролот Песков, се пропушта можноста да се разговара за важни прашања. Во меѓувреме, Украина забрани влез на Руси на возраст меѓу 16 и 60 години додека трае воената состојба, а руската војска распоредува нови ракетни системи С-400 на Крим.
Напредок не се очекува ни за решението за трговскиот спор меѓу Вашингтон и Пекинг, кој резултираше со високи тарифи за кинески производи. САД треба да го потпишат трговскиот договор со Канада и Мексико, замена за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА).
Самитот е и своевиден тест за саудискиот принц бин Салман за истрагата за вмешаноста на Ријад во убиството на неговиот жесток критичар, новинарот Џамал Кашоги, во конзулатот во Истанбул. Случајот ги влоши односите со неколку земји откако Кралството призна дека колумнистот бил убиен, па парчосан во дипломатското претставништво.
И годинашниот самит минува со протести. Демонстрантите се незадоволни- Аргентина е домаќин на настанот во период кога и самата е дел од длабока економска криза. Распоредени се 22 илјади полицајци.
„Преживуваме тежок период, не е време да се викнат сите овие претседатели кај нас. Владата мора да ги исполни барањата на нашата земја, а не оние однадвор. Ова воопшто не ни треба. Г-20 не ни помага никако.“
„Сакаме да сме слободни и независни. Луѓето сакаат да си ја изберат економијата што им одговара. Не ни треба неолиберална економија, глад, уништување каква што ни дава оваа влада“, велат демонстрантите.
Пред почетокотот на Самитот се случи и инцидент со авионот во кој патуваше германската делегација со канцеларката Меркел. Ербасот мораше принудно да слета поради затајување на комуникациите во леталото, по што атерираше во Келн, „Состојбата била сериозна“, пишува германски „Шпигел“.
Маја Филдишев
