Г-20 пред сериозни предизвици
Годинашниот самит на 20-те најразвиени економии во светот пред сериозни предизвици. Инцидентот меѓу Русија и Украина, трговската војна меѓу САД и Кина и убиството на саудискиот новинар Кашоги - меѓу главните теми на дводневниот настан кој и годинава не мина без протести и инциденти...

Американскиот претседател Трамп го откажа состанокот со неговиот руски колега Путин поради инцидентот меѓу Украина и Русија во теснецот Керч во кој беа запленети украински бродови. Официјален Киев забрани влез на Руси на возраст меѓу 16 и 60 години додека трае воената состојба, а руското МНР распоредува нови ракетни системи С-400 на Крим. Најзагрижени се непосредните соседи од Брисел.
„Ова е тежок момент за меѓународна соработка. Апелирам до лидерите да го искористат овој самит сериозно да дискутираат за вистинските проблеми како што се трговските војни, трагедијата во Сирија и Јемен, и руската агресија во Украина. Не гледам причина зошто лидерите на Г-20 не би имале суштинска дискусија за решавањето на овие проблеми, особено зашто сите инструменти ги држат в раце. Единствениот услов е добрата волја“, рече Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.
Напредок не се очекува ниту за решението за трговскиот спор меѓу Вашингтон и Пекинг, кој резултираше со високите тарифи за кинески производи. Во Аргентина се подготвува нов трговски договор меѓу САД, Канада и Мексико, наместо постојниот Северноамерикански договор за слободна трговија (НАФТА).
„Ништо не е сменето по средбата меѓу САД и ЕУ во Вашингтон. Дискутираме со нашите американски пријатели. За нив имаме добри вести. Европската унија е најголемиот економски пазар. Европа верува во слободна и праведна економија, односно трговија со светот која никогаш не била поважна за Европа и која обезбедува 36 милиони работни места на континетот“, изјави Жан Клод Јункер, претседател на Европска комисија.
На агендата се и климатските промени, образованието, вработувањата, но и убиството на саудискиот новинар Кашоги, за што е обвинет Ријад. Саудискиот принц Бин Салман за првпат се соочува со лидерите на Западот кои инсистираат на целосно расветлување на случајот.
Протести низ улиците на Буенос Аирес, поради самитот на богатите во време на длабока економска криза.
„Преживуваме тежок период, не е време да се викнат сите овие претседатели кај нас. Владата мора да ги исполни барањата на нашата земја, а не оние однадвор.“
„ Сакаме да сме слободни и независни. Луѓето сакаат да си ја изберат економијата што им одговара. Не ни треба неолиберална економија, глад, уништување каква што ни дава оваа влада“- велат демонстрантите.
Пред почетокотот на Самитот се случи и инцидент со авионот во кој патуваше германската делегација со канцеларката Меркел. Ербасот мораше принудно да слета поради затајување на комуникациите во леталото, по што атерираше во Келн, „Состојбата била сериозна“, пишува германски „Шпигел“.
Маја Филдишев
