Афера

Прислушувани фиксните телефони во Обвинителството

30.11.2018 15:53

Повеќе од две години, седумдесетина обвинители сместени во зградата на кејот биле прислушувани на фиксните телефони, објави републичкиот обвинител Јовески. Владата со осуда. Очекува судска постапка и одговорност...

Повеќе од две години седумдесетина обвинители сместени во зградата на кејот биле прислушувани, а сите разговори што ги воделе преку фиксната телефонија се снимале на два хард диска. За ова информираше републичкиот обвинител Љубомир Јовески.

Снимањето се одвивало преку централата во зградата, а најстарите записи датираат од 30 септември 2016-та година. Оттогаш наваму, биле снимени сите разговори што интерно ги воделе обвинителите, но и нивните коресподенции со МВР, Институтот за судска медицина, Финансиската полициција и останатите служби кои во одредена фаза се вклучени во кривичниот прогон.

Преку оваа телефонија се споделувале детали за истрагите и биле повикувани сведоци на распит, па оттука, ако некој ја пресретнувал комуникацијата ќе се истражува дали било вршено незаконско влијание на сведоците.

Од Јавното обвинителство засега не ја споделуваат со јавноста информацијата на кој начин дошле до сознание дека се снимаат разговорите од нивната фиксна телефонска мрежа. Велат дека се издадени наредби за вештачење со цел да се утврди конечната бројка на снимени разговори.

Од Владата со осуда за настанот. Побараа целосно да се истражи случајот и да има ефикасна судска разрешница.

„Министерството за внатрешни работи е целосно вклучено во предистражната постапка за снимените разговори од фиксните телефони на обвинителите во Основното јавно обвинителство. Одговорноста мора да биде идентификувана, утврдена и целиот случај да има ефикасна судска разрешница. Владата исто така ги става на располагање на ОЈО сите капацитети со кои располага доколку е истите се побарани и потребни“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Теле-системот бил инсталиран во 2013-та година. Истрагата ќе покаже и зошто бил сетиран да ги снима разговорите, но и кој се имал пристап до нив. Дали биле изнесувани од зградата, копирани, бришени и дали завршиле кај трети лица. Дополнително, се испитува и периодот пред септември 2016-та, односно дали и во тој период имало незаконско снимање.

Анита Димитријевска