Иванов во Полска на коференција за климатски промени

03.12.2018 10:43

29 шефови на држави и премиери, во полскиот град Катовице учествуваат на најважниот состанок за глобалното затоплување. Претседателот Иванов е меѓу првите кој ќе говори за климатските промени. Шефот на државата попладне ќе има и билатерална средба со полскиот претседател Анджеј Дуда...

Климатските промени се планетарниот предизвик за коj ќе се разговара на Светската Конференција во Катовице, Полска на која учествува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. 29 шефови и премиери на држави, и Европската Унија, ќе се обидат денеска да најдат решение на кој најефикасен начин може да се спроведе Парискиот Договор за климата која е нарушена пред се поради емисиите на јаглерод диоксид во воздухот. 

Оваа тематика е особено важна за Република Македонија во време кога се соочуваме со непланска урбанизација, уништување на природните ресурси што доведува до загадувањето на воздухот.

Европската Агенција на животната средина веќе не дефинира како најзагадена држава на стариот континент, па оттаму и за нас е од особено значење договорот да почне да се спроведува во 2020-та како што е и планирано.

Претседателот Иванов е меѓу првите кои ќе говорат денеска за климатските промени, а меѓу учесниците се и Генералниот Секретар на ООН, Антонио Гутереш како и полскиот претседател Анджеј Дуда со кого Иванов попладнево има билатерална средба на која ќе се потврдат одличните односи меѓу Македонија и Полска.

Иванов утре ќе го посети Универзитетот во Вроцлав каде ќе има и предавање пред студентите и професорите на оваа високобразовна установа која датира од почетокот на 18 век. 

 

Зоран Богатинов, специјален известувач од Катовице, Полска за МРТ