Се препорачува задоцнета сеидба
Последните врнежи во ноември по тримесечната суша ги спасија земјоделските култури. Поради ова експертите велат дека житото сѐ уште може да се сее и може да поникне и под снежна покривка. Временските прилики одговараат и за садење на овошни и лозови насади.

Последните врнежи од дожд се повеќе од добредојдени за земјоделството и во Битолско и во Гевгелиско ќе овозможат продолжување на сеидбата.
Температурните услови и влажноста во почвата се оптимални дури и невообичаени за декември месец и добри за есенската сеидба, која во голем дел од земјава беше во критична фаза.
Но, иако добри за сеење, дождовите не го решија проблемот со доволно влага во подлабоките слоеви, а со тоа се намалува и гаранцијата за успешно презимување , не само кај житото туку и кај овошките и виновата лоза.
Добра вест за земјоделците е дека неделава треба да има стабилно време кое ќе овозможи задоцнета сеидба без разлика на поминатите оптимални рокови, но ќе треба да се користат зголемени количества на семенски материјал, препорачува Ангелко Ангелески агрометеоролог од Управата за хидрометеоролошки работи.
Експертите очекуваат дека ваквите временски услови ќе бидат добри и за подигнување на нови овошни и лозови насади и прпорачуваат дека е подобро да се садат на есен отколку на пролет.
Методија Трајков
