Кои се најплатените професии во Македонија?
01.03.2014 15:51
Последните податоци на Државниот завод за статистика велат дека изминатата година највисоки плати имале вработените во воздухопловниот сектор...

Вработените во воздухопловниот транспорт, правниците, сметководителите, вработените во телеком секторот, понатаму вработените во финансиската индустрија, како и пргорамерите најмногу заработувале минатата година, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика, пишува порталот Економски Лидер.
Воздухопловниот транспорт веќе традиционално е секторот во кој вработените во просек имаат највисок личен доход во земјава. Имено, станува збор за контролорите на летање како и пилотите, чии нето плати изминатата година просечно изнесувале 47.741 денари.
Правниците и сметководителите речиси секогаш варираат на врвот кога станува збор за тоа од кои професии најмногу се заработува во Македонија. Нивните плати, според статистиката, изминатата година се движеле во просек од 46.073 денари.
Финансикиот и телкомуникацискиот сектор исто така се атрактивни кога станува збор за платите. Минатата година вработените во банкарската и осигуриталната индустрија имале месечен личен доход во просек од 44.223 денари, додека вработените во телеком секторот заработувале нето плата од 42.921 денари.
Од информатичката индустрија, платите на програмерите последниве години постојано растат, како што се зголемува и побарувачката за квалитетен кадар во овој дел од пазарот на труд. Статистиката покажува дека програмерите лани во просек заработувале нето плата од 41.070 денари.
Изминатата година просечната исплатена месечна нето плата изнесувала 21.145 денари.
