Макрон бара нови разговори со „Жолтите елеци“
Францускиот претседател Емануел Макрон подготвен за дијалог со жолтите елеци. Од премиерот Едуард Филип побара да се сретне со лидерите на најголемите политички партии и со претставниците на движењето што ги организираа протестите поради зголемување на цените на горивата...

Францускиот претседател Макрон побара од премиерот Едуард Филип да се сретне со лидерите на најголемите политички партии и претставниците на движењето „Жолти елеци“, со цел да се изнајде излез од актуелната криза. Претходната средба беше откажана откако движењето одби разговорот да се емитува во живо.
Француската влада се надева дека ќе најде заеднички јазик со демонстрантите без воведување вонредна состојба. Портпарол на француската влада претходно соопшти дека се разгледуваат сите опции за спречување нови судири и безредија.
Во Париз во текот на викендот беа уапсени околу 400 луѓе, а повредени беа 133. Макрон ја посети Триумфалната капија во Париз, која беше оштетена од страна на демонстрантите и испишана со антикапиталистички пароли и барања за негова оставка. Според францускиот Центар за национални споменици штетата се проценува на повеќе стотици илјади евра.
Полицијата со солзавец и водени топови ги растеруваше насилните демонстранти, кои со метални шипки и секири беснееја на улиците на Париз, а беа запалени автомобили и објекти и ограбувани продавници.
„Сведочењата на полицајците се дека никогаш не виделе толку насилни и решителни учесници во протести. Тие ја напаѓале полицијата со чекани, градинарски алатки, мотики. Имаме фотографии од сето тоа“, изјави Мишел Делпуеш, шеф на полиција во Париз.
Во главниот град на Франција протестираа околу 10.000 луѓе. Протести имаше и во Нант и Марсеј. На улична блокада на југозапад на земјата, поставена од страна на „Жолтите елеци“, загинал еден возач на автомобил, што е трета жртва од почетокот на немирите.
Симбол на отпорот станаа жолтите елеци, задолжителни за возачите. Протестите се насочени против реформската политика на економски либералниот претседател на Франција, односно против зголемувањето на цените на бензинот и животните трошоци.
Марина Ристова
