Италијански компании од енергетиката заинтересирани за владините тендери
Италијански компании од енергетиката ќе можат да конкурираат на тендерите што ќе ги објави македонската Влада. Вицепремиерот Анѓушев најавува продолжување на инвестициите, но и два големи проекта за поврзување со далекувод меѓу Македонија и Албанија и гасно поврзување меѓу Македонија и Грција.

Италијански проектантски компании, фирми изведувачи и компании од енергетиката ќе можат да конкурираат на тендерите кои во наредниот период ќе бидат објавени од Владата за клучни проекти насочени кон економски развој на земјава.
Вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев вели дека инвестициите ќе продолжуваат со цел автопатско, железничко и енергетско поврзување. Од Владата најавуваат два големи проекта за поврзување, со далекувод меѓу Македонија и Албанија, Битола- Елбасан и второ гасно поврзување меѓу Македонија и Грција.
Италијанските компании се заинтересирани да го поддржат економскиот развој на земјава. Бизнисменте од Италија децидни дека нивните компании располгаат со знаење и технологија. Тоа, велат ќе помогне на патот на земјава кон ЕУ.
Италија е шести трговски партнер на Македонија. Трговската размена во првите 9 месеци од годинава споредбено со лани забележала раст од 14,2 процента.
Дијана Ценевска
