Одбележување

Меѓународен ден на лицата со попреченост

03.12.2018 13:10

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Еднакви права и можности за овие граѓани, бараат од Националниот совет на инвалидски организации. Работиме за создавање еднакво општество за сите, вели премиерот Заев. Во март 2007-та Македонија ја потпиша, а во декември 2013-та ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со попреченост...

Да не бараме изговори, туку сите да направиме нешто за да им го олесниме животот на лицата со попреченост- порака на Меѓународниот ден. Потребно е квалитетно инклузивно образование, подобра социјална заштита, вработување. Отсуствуваат кампањи за подигнување на свеста за правата на сите лица со попреченост, рекоа од Националниот совет на инвалидски организации. Посочија дека во образованието децата се дискриминирани, во училниците и градинките постојат поделби. Побараа да се намалат и архитектонските бариери и да се постават звучни семафори.

Секој заслужува еднаква шанса и можност за остварување на своите права, рече премиерот Заев. Тврди дека главна заложба на Владата е создавање едно општество за сите.

Амбасадорот Жбогар оцени дека Владата го направила првиот чекор со носењето на националната стратегија за деинституционализација, но како што рече, потребна е заложба од целото општеството за да се подобри инклузивноста.

Националното координативно тело ја промовираше Конвенцијата на Обединетите нации адаптирана за лицата со оштетен слух. Премиерот Заев им додели признанија на младите со интелектуална попреченост од танчерската група „Денсерс јунајтед - МК“ кои на хип-хоп натпревар во Полска освоија прво место во паракатегорија.

 

Викторија Милевска