Заштитни маски за ризичните пациенти поради аерозагадувањето
Министерството за здравство ќе ги прибира податоците од „Мој термин“ и на ризичните групи ќе им дели бесплатни маски за заштита од аерозагадувањето. Викендов 150 деца со респираторни проблеми поради компликации од загадениот воздух побарале помош на Детската клиника...

Бесплатни маски за заштита од аерозагадувањето за ризичните пациенти - со оваа мерка Министерството за здравство ќе им помага на луѓето со респираторни проблеми. Преку „Мој термин“ се прибираат податоците. Во меѓувреме, остануваат препораките, додека воздухот е загаден граѓаните да избегнуваат престој на отворено.
„Како алтернатива разгледуваме и за што собираме податоци е тоа која ризична група на пациенти односно граѓани можат дополнително да се заштитат со специјалните маски. И кога ќе ја имаме таа бројка ќе видиме како и на кој начин може да ги набавиме и на истите тие луѓе да им ги поделиме. Се надевам дека за краткјо време ќе заврши анализата која произлегува од системот Мој термин, кој ги влече податоците од матичните лекари“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Сезоната на вирусни и респираторни инфекции ги полни клиниките. Дополнителен проблем создава и загадениот воздух. Викендов околу 150 деца со респираторни проблеми побарале лекарска помош на детската клиника.
„Сега е сезона на респираторни инфекции, но сѐ уште немаме голем притисок од лежечки пациенти, обично амбулантски се прегледуваат и се третираат амбулантски, бројот на хоспитализирани не е драстично зголемен“, изјави д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.
Од идната недела за болните деца во ноќните часови ќе бидат отворени три дежурни педијатриски пунктови во поликлиниките. Здравствените власти очекуваат на овој начин да се намали метежот во детските болници.
Поради недостиг на кадар, приоритетните прегледи на Детската клиника предизвикуваат проблем, двајца доктори заминаа од здравствената установа. Од ресорот велат дека овој проблем го има и на другите клиники.
Андријана Атансовска
