Полска

Иванов: Македонија е во најранливите региони од климатските промени

03.12.2018 15:21

29-мина шефови на држави и премиери, во полскиот град Катовице учествуваат на најважниот состанок за глобалното затоплување. Република Македонија во континуитет го усогласува начинот на известување со стандардите на Европската унија, рече во обраќањето претседателот Иванов. Потенцира дека мора да го промениме начинот на живот.

Република Македонија припаѓа на еден од најранливите региони во светот кога станува збор за климатските промени. Пред 30-на шефови на држави и премиери, македонскиот претседател Ѓорге Иванов во говорот се задржа на веројатно најболната еколошка тема во Македонија, загадувањето на воздухот. Според Иванов, Македонија ги усогласува стандардите на ова поле со Европската унија. Но, дополнува претседателот, тоа не е доволно.

Додека говорам тука, многу мои сограѓани дишат воздух кој е еден од најзагадените во Европа. Патеката е тесна и мора да ги збиеме редовите. Мора да воспоставиме круг на доверба меѓу политичарите, научниците, претприемачите, наставниците и активистите затоа што не се натпреваруваме еден против друг, туку заедно како тим“, рече претседателот Ивнов.

Енергетскиот сектор, земјоделството и градежништвото треба да го земат предвид ефектот на стаклената градина, односно глобалното затоплување. За оваа цел е неопходно правилно насочување на финансиската поддршка, оцени македонскиот претседател.

Ова е неопходно за здравјето на луѓето, особено за најранливите категории. Следствено нашата трајна заложба треба да биде зелен раст и развој и помали јаглеродни емисии. Но, тоа ќе биде возможно само ако создадеме зелени работни места“, нагласи претседателот Иванов.

Иванов попладнево ќе има и билатерални средби со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда како и со првиот човек на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Генералниот секретар на Обединетите нации во Катовице говореше за најновите анализи за емисиите на јагеродните соединенија. Според Гутереш, до 2030-та година, државите во светот ќе треба да ги намалат за 25 насто, до 2050-та мора да се воспостави нулата толеранција за нив. Но, како тоа ќе се изведе кога САД не го потпишуваат Парискиот протокол за климатските промени од 2015-та, останува само да се претпоставува.

Зоран Богатинов, специјален известувач од Катовице, Полска за МРТ