Политика

Собраниското тело за помирување предлага поширока јавна расправа за уставните амандмани

03.12.2018 16:38

Поширока јавна расправа за уставните амандмани, предлага собраниското тело за помирување. Ќе се води во градовите кои што се универзитетски центри, посочија од работнотата група надлежна за интеграции. Седница одржа и подгрупата за реформи на собраниското Координативно тело за помирување. Очекуваат дека до 15-ти декември годинава 20-тина предлог закони да бидат доставени во собраниска процедура...

Дваесетина закони од областа на правосудството, обвинителството, медиумите, антикорупциското законодавство, ќе бидат предмет на разгледување на работната група за реформските процеси на собраниското тело за помирување. Очекуваат дека до 15-ти декември годинава, предлог-законите ќе бидат доставени во собраниска процедура, прво на Комисијата за европски прашања, а потоа и на пленарна седница.

Најавија дека во подготовка на законите ќе бидат вклучени правни и уставни експерти, академици, научни работници и медиумската јавност.

Од работната група надлежна за интеграции, посочија дека јавната расправа за уставните амадмани ќе се води во градовите кои што се универзитетски центри. Очекуваат дека успешно ќе заврши и третата фаза на усвојување на конечните уставни амадмани со кои ќе се спроведе во целост Договорот од Преспа.

Телото за помирување ќе се занимава со модалитети за амнестија или други облици на помирување во општеството за собраниските настани од 27-ми април, откако ќе заврши јавната расправа по амадманите и кога ќе се добијат предлог- амандманите од Владата.

Игор Панов