Француската влада се подготвува да го суспендира данокот за гориво

04.12.2018 12:46

Владата во Париз се подготвува да го суспендира данокот на гориво, што предизвика лавина од протести во Франција. Протстите почнаа на 17 ноември и досега во повеќе градови беа приведени над 400 протестанти...

Француската влада се подготвува да ги суспендира таксите на нафтените деривати, во обид да ги заузда насилните протести во земјата, објавуваат тамошните медиуми.

Според објавените информации, премиерот Едуард Филип ќе објави мораториум на зголемувањето на даноците за гориво во траење од неколку месеци, со цел да се намалат тензиите во земјата. Во меѓувреме, објавено е дека состанокот со претставници од движењето „Жолти елеци“ е официјално откажан.

Во протестите низ големите француски градови е предизвикана значителна штета, којашто се брои во милиони евра. Владата бараше компромис со демонстрантите, но тие ги прекинаа разговорите поради, како што наведоа, смртни закани од екстремистите во нивните редови. Во насилните протести загинаа тројца, повеќе од 400 беа уапсени, стотина се повредени. Запалени се шест згради и 112 автомобили. Двајца демонстранти се осудени на три месеци затвор.

Движењето на „Жолтите елеци“ веќе има поддржувачи низ целиот политички спектар. Во Франција од 17 ноември се организираат протести и блокади, кои почнаа како реакција за поскапувањето на гориво, а потоа и поради општото незадоволство од политиката на претседателот Макрон.

Марина Ристова