Шекеринска: Македонија заслужи да ги почне преговорите со ЕУ
Министерката за одбрана во Брисел учествуваше на конференција за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, посветена на проширувањето, интеграцијата, трансформацијата на земјите од регионов...

„Македонија заслужи да ги почне преговорите со ЕУ. Успеавме да го решиме тридеценискиот спор со Грција, со лидерство и храброст од двете страни“, ова го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа во Брисел учествуваше на конференција за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, посветена на проширувањето, интеграцијата, трансформацијата на земјите од регионов.
„Ова лето не само што го склучивме договорот со Грција, туку и го ратификувавме во нашиот Парламент, во моментов ја премостуваме и втората пречка за негово спроведување.Парламентот во два наврати веќе гласаше за уставните измени. Направивме напори за спроведување на успешен процес и сме решени да имаме успешна завршница“, изјави министерката Шекеринска.
Министерката истакна дека членството во ЕУ не е само да се пополнат графите за бараните услови туку е всушност трансформацијата на општеството.
„Вистинската трансформација во повеќето земји од Централна и Источна Европа се одвивала за време на пристапниот процес. Значи, она што го бара Македонија е да почне тој процес на преговори“, нагласи министерката Шекеринска.
Во рамки на работниот престој во Брисел, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска синоќа имаше работна вечера заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров и НАТО амбасадорите, а за утре е предвидена средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини. На средбата ќе биде направен пресек на состојбите во евроинтегративните процеси и актуелните прашања во земјава.
