Загреб

Заев: Македонија е подготвена да учествува во позитивните процеси во регионот

04.12.2018 13:31

Македонскиот премиер Зоран Заев учествува на Самитот на Централно Европската Иницијатива што се одржува во Загреб. Учествуваат премиерите на Македонија, Хрватска, Унгарија, Бугарија, Албанија, Романија и Словачка, како и еврокомесарот Хан и претседателот на Европска банка за обнова и развој Чакрабарти...

Република Македонија е подготвена да продолжи да ги предводи позитивните процеси во регионот што носат стабилност и економски развој - изјави премиерот Зоран Заев на Самитот на шефови на влади на Централно Европската Иницијатива во Загреб, чијшто домаќин е премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.

Во фокус на Самитот се изградбата на стабилност, просперитет и унапредување на соработката меѓу државите во регионот, Европа и светот. Учествуваат претставници од 18 земји- членки, а на присутни се и еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти, високи претставници на ОБСЕ и на Советот на Европа.

„Македонија е подготвена да ја продлабочи и прошири соработката во регионот, низ добрососедски односи, и во овој контекст, постигнавме големи резултати. Ова се случи благодарение на подготвеноста и чувството на одговорност на земјите и политичките лидери во регионот. Но, подготвени сме да работиме на долгорочните интереси на регионот“, рече премиерот Заев, соопшти владината прес- служба.

Тој ги посочил договорите со Бугарија и со Грција како важни во оваа насока и во обраќањето упатил благодарност до бугарскиот и до грчкиот премиер, Бојко Борисов и Алексис Ципрас, за придонесот во стабилизацијата на билатералните односи со Македонија, што придонесува и кон стабилизацијата во регионални рамки.

На Самитот, посебно е нагласена важноста на економското поврзување на државите како и придонесот на земјите во справувањето со мигрантската криза. Премиерот Заев, во врска со економската соработка, рече дека таа е важен сегмент од евроатланска интеграција на Македонија и на регионот.