Здравство

Детската кардиохирургија се сели кај Жан Митрев

04.12.2018 14:22

Детската кардиохирургија се сели во болницата на Жан Митрев. Договорот е склучен по пат на јавно- приватно партнерство и се очекува да ја намали потребата од испраќање на децата на лекување во странство. Дополнително во земјава, доколку има потреба ќе доаѓа и тим од странски експерти. За овие операции Фондот за здравство ќе издвои околу милион евра годишно...

Од наредниот месец Детската кардиохирургија се сели во болницата „Жан Митрев“. Во приватната установа ќе се изведуваат најсложените кардиохируршки операции кај бебињата и децата. Надлежните се одлучиле на овој чекор поради подобрите услови за лекување на најмалите пациенти, но и поради одличните условите за работа кои ќе ги имаат лекарите.

Очекуваат дечињата повеќе да не се лекуваат во странство, туку во земјава, бидејќи како што рекоа, ќе се спои екпертизата на јавното со приватното здравство. Трошоците за кардиохируршките операции ќе останат исти, иако станува збор за приватна болница, велат од Фондот за здравство.

Дел од тимот од Детската кардиохирургија на чело со д-р Владимир Чадиковски ќе работи кај „Жан Митрев“, дел ќе остане на Клиника. Единствениот детски кардиохирург во земјава очекува и натаму да има помош од странските лекари за најкомплицираните случаи.

Годишно на Клиниката за детска кардиохирургија која почна со работа пред шест години, се извршуваат околу 60 операции.

 

Викторија Милевска