Макрадули на конференција за намалување на загадувањето во ЈИЕ
Во Белград се одржува меѓународна конференција за иновативните решенија за намалување на загадувањето во регионот на Југоисточна Европа. На средбата со српскиот министер Триван и заменик- министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, било разговарано за функционирањето на Еколошкиот фонд на Србија, а Македонија работи на негово формирање...

Заменик- министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули во Белград присуствува на министерската конференција „Иновативни решенија за намалување на загадувањето во Југоисточна и Јужна Европа“.
Главна цел на конференцијата е изнаоѓање на заеднички начини и мерки за унапредување на животната средина, здравје на луѓето и развој на економијата во овој дел на Европа.
На Конференцијата, Република Македонија го престави Планот за чист воздух во рамки на глобалното справување со загадувањето.
„Ме радува што Македонија доби подршка за планот, кој за разлика од другите земји е многу поконкретен, со јасни цели и таргети. Останува во заедничката борба со заеднички цели и со партнерите, да успееме да го имплементираме планот, во интерес на граѓаните на Р. Македонија и за намалување на загадувањето“, рече заменик- министерот Макрадули.
Во рамки на Конференцијата, Макрадули оствари средба со српскиот министер за заштита на животната средина, Горан Триван, на која меѓу останататото е разговарано и за поставувањето на еколошкиот фонд кој во Србија веќе функционира.
„Ние сме во процес на воспоставување на овој фонд и разменивме искуства, како и за загадувањето. Разговаравме и за дел од инструментите кои што во Р. Македонија не работат, како да ни помогнат и за регионалната соработка во поглед на меѓуграничното загадување, како да добиваме повеќе податоци за да заеднички се справиме со загадувањето“, изјави Макрадули.
Конференцијата е во организација на Министерството за заштита на животната средина на Република Србија во партнество со Програмата за заштита на животната средина на ОН.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
