Франција: Суспендиран данокот за гориво
Владата во Париз објави мораториум за покачување на данокот на гориво. Протестите во Франција почнаа на 17 ноември и полицијата во повеќе градови приведе над 400 демонстранти. Премиерот Филип изјави дека насилството мора да запре, а фискалните мерки владата ги суспендира за период од 6 месеци...

Премиерот Едуард Филип објави мораториум на зголемувањето на даноците за гориво во траење од неколку месеци, со цел да се намалат тензиите во земјата. Ќе стапи во сила на 1-ви јануари, а превидени се и други мерки.
„Државата е гарант за одржување мир и јавен ред. Ниту еден данок не треба да ги загрози националното единство. Насилството мора да запре. Откако го слушнавме гневот, суспендирав три фискални мерки вклучително и зголемувањето на данокот за гориво на шест месеци“, рече Едуард Филип, премиер на Франција.
Претходно беше објавено е дека состанокот со претставници од движењето „Жолти елеци“ е официјално откажан. Во протестите низ големите француски градови е предизвикана значителна штета, којашто се брои во милиони евра. Владата бараше компромис со демонстрантите, но тие ги прекинаа разговорите поради, како што наведоа, смртни закани од екстремистите во нивните редови.
Во насилните протести загинаа тројца, повеќе од 400 беа уапсени, стотина се повредени. Запалени се шест згради и 112 автомобили. Двајца демонстранти се осудени на три месеци затвор.
Движењето на „Жолтите елеци“ веќе има поддржувачи низ целиот политички спектар. Во Франција од 17 ноември се организираат протести и блокади, кои почнаа како реакција за поскапувањето на гориво, а потоа и поради општото незадоволство од политиката на претседателот Макрон.
Марина Ристова
