Хан: Важно е прашањето за името, но и реформите
Еврокомесарот за добрососедство и за проширување, Јоханес Хан е оптимист во поглед на нашите евроатлантски интеграции, но потсетува дека е потребно продолжување на реформите, особено во клучните области.

Македонија е подготвена да ја продлабочува и проширува соработката во регионот преку добрососедски односи, во што постигнавме големи разултати. Тоа се случи благодарение на подготвеноста и на чувството за одговорност на земјите и на политичките лидери- изјави премиерот Зоран Заев во обраќањето на Самитот на Централно Европската Иницијатива што се одржува во Загреб.
Еврокомесарот за добрососедство и за проширување, Јоханес Хан е оптимист во поглед на нашите евроатлантски интеграции, но потсетува дека е потребно продолжување на реформите, особено во клучните области.
„Важно е прашањето за името, и договорот за сето ова во Скопје, а подоцна секако и во Грција. Јас сум оптимист по сите случувања. Но, не треба да се заборави дека ова е само едно прашање, а има уште многу други. Неопходни се реформи и напори поврзани со владеењето на правото и судството итн., што е клучно за добивање зелено светло од нашите земји- членки до средината на наредната година“, нагласи еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
Премиерот Заев оцени дека добро се одвиваат реформите во правосудството, безбедносните служби и изрази очекување дека тоа ќе биде мотивација институциите да ги спроведат реформите.
„Јас останувам оптимист, а оптимизмот е возвратен и од Европската комисија. Еврокомесарот Хан дава поддршка и зборува со суперлативи. Ова го разбирам како дополнителна мотивација, но и обврска за сите нас во Република Македонија да одработиме пред се во делот на реформите, како и во делот на политичкиот процес, и ако имаме резултати, можеме да очекуваме ваквиот однос да продолжи“, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев изјави дека не се сретнал со унгарскиот премиер Виктор Орбан кој исто така присуствува на самитот, иако синоќа и двајцата присуствуваа на вечерата што ја организираше хрватскиот премиер Пленковиќ, заедно со другите шефови на делегациите, но денеска Орбан не остана на Самитот.
