Заев: Македонија има поддршка од европските земји за Договорот од Преспа и за ЕУ и НАТО
„Македонија има поддршка од европските земји за Договорот од Преспа и за ЕУ и НАТО“- премиерот Зоран Заев од Самитот на Централно- европската иницијатива што се одржува во Загреб. Вели дека земјава е подготвена да ја продлабочува и проширува соработката во регионот преку добрососедски односи. Еврокомесарот Јоханес Хан е оптимист во поглед на нашите евроатлантскии нтеграции, но потсетува дека е потребно продолжување на реформите, особено во клучните области...

Внатрешниот дијалог меѓу власта и опозицијата, влева надеж дека е возможно да се обезбеди 2/3 мнозинство за финално усвојување на уставните амандмани. Ова му го соопштил премиерот Заев на еврокомесарот Хан, на неформалната средба во рамки на Самиот на ЦЕИ. Заев информирал за претстојните чекори што водат кон имплементација на договореното во Преспа, но и за внатрешните реформи во делот на судството, администрацијата и борбата против корупцијата, што се очекува земјата да ги спроведе за да добие датум за отпочнување на преговорите со Унијата.
„Јас останувам оптимист, а оптимизмот е возвратен и од Европската комисија. Еврокомесарот Хан дава поддршка и зборува со суперлативи. Ова го разбирам како дополнителна мотивација, но и обврска за сите нас во Република Македонија да одработиме пред се во делот на реформите, како и во делот на политичкиот процес, и ако имаме резултати, можеме да очекуваме ваквиот однос да продолжи. Ја користам секоја прилика да ги мотивирам институциите да ги спроведат сите реформи“, изјави премиерот Заев.
Хан изрази оптимизам и поддршка, но вели- затворање на прашањето со името е само еден од сегметите што треба да ги испорча земјата до јуни идната година.
„Важно е прашањето за името, и договорот за сето ова во Скопје, а подоцна секако и во Грција. Јас сум оптимист по сите случувања. Но, не треба да се заборави дека ова е само едно прашање, а има уште многу други. Неопходни се реформи и напори поврзани со владеењето на правото и судството итн., што е клучно за добивање зелено светло од нашите земји- членки до средината на наредната година“, нагласи еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
Поддршка за Македонија има и од земјите здружени во ЦЕИ, чии претставници на Самитот во Загреб се договориле освен политички, и економски да соработуваат, да го зајакнат индустриското производство и заеднички да испорачуваат финални производи кон странски пазари.
„Треба да се поддржуваат и домашните и странските инвестиции, тоа е една порака од сите земји, кои носат квалитетни индустрии, но и создаваат подобро платени работни места“, изјави Зоран Шапуриќ, министер задолжен за регулатива и унапредување на бизнис климата.
Централно- европската иницијатива брои 18 членки, а формирана е пред 29 години во Будимпешта.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан дојде на свечената вечера во Загреб, но не учествуваше на самитот. Како што информираше премиерот Зоран Заев, освен куртоазно поздравување, двајцата немале прилика да разговараат за екстрадицијата на Груевски.
Анита Димитријевска, специјален известувач од Загреб за МРТ
