Околу 43 илјади хронично болни ќе добијат маски против аерозагадувањето
Аерозагадувањето урива рекорди. Граѓаните се жалат дека тешко дишат. Околу 43.000 хронично болни ќе добијат маски против аерозагадувањето. Министерот Филипче вели- ова не го решава проблемот, но ќе придонесе за ублажување на последиците од загадувањето во градот. Ресорот екологија излезе со препораки...

Аерозагадувањето урива рекорди во метрополата. Речиси во сите скопски општини мерните станици го надминуваат дозволениот праг на канцерогени ПМ 10 честички. Освен препораки, конкретни мерки од надлежните институции нема. Граѓаните се жалат дека тешко дишат, но велат секојдневните обврски мора да се завршат.
„Релно многу тешко се дише затоа што пречи, не е убаво, сѐ уште се немам заштитетено ама планирам да си купам маска за да се заштитам.“
„Денеска баш дискутиравме, помалку да се излегува надвор затоа што стварно е загадено.“
„Сабајле беше многу загадено излеговме порано, не се дишеше.“
„Никој не се фокусира на тоа што горат, поради тоа е загаденоста.“
„Во Скопје не може да се дише, нема воздух“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Околу 43 илјади хронично болни ќе добијат маски против аерозагадувањето. Министерот за здравство Филипче вели, ова не го решава проблемот, но ќе придонесе за ублажување на последиците од загадувањето во градот. Маски ќе има и за децата.
„Сега ние работиме на прибирање на бројот на деца и начинот на кој маските би се поделиле. Имаше изјава од Министерството за екологија, искомунициравме во текот на вчерашниот ден, апсолутно сме согласни дека ова не го решава проблемот но мора да најдеме начин да ги дистрибуираме бидејќи сепак е некаква форма на заштита“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Поради големата загаденост на воздухот, министерството за животна средина со препорака, да се користи јавениот превоз, за загревање да не се користи прегорено отпадно масло, обоено дрво и гума.
Надлежните институции со препорака до граѓаните, да избегнуваат престој на отворено додека воздухот е загаден, освен доколку тоа е неопходно. Ова особено важи за децата, повозрасните и хронично болните лица.
Андријана Атанасовска
