Три меѓународни награди за Прилепскиот театар

04.12.2018 16:20

Прилепскиот театар се закити со три награди на Меѓународниот фестивал на глумецот во Никшиќ, Црна Гора. Добитник е на гран при наградите за најдобра епизодна машка и женска улога и за колективна игра на ансамблот за претставата „Љубовни пози на историјата“ од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска. Претставата се играше во чест на легендата на македонската драматургија, ден по неговата смрт.

„Љубовни пози на историјата“ по текстот на Горан Стефановски, во изведба на прилепскиот ансамбл е претставата која го воодушеви жирито на меѓународниот фестивал во Никшиќ, Црна Гора и се закити со гран при наградите за најдобра машка и женска епизодна улога и за колективна игра.

За актерите, ансамблот и театарат е голема чест и недвосмислено е - претставата и наградите се посветени на легендата на македонската драматургија.

Претставата за војната, за последиците кај човекот и неговата потрага по љубовта, имаше праизведба во 2014 година во Љубљана, Словенија, по повод стогодишнинта од Првата светска војна. Пред две години, единствено во Прилепскиот театар, беше поставена на сцената во Македонија.

Претставата „Љубовни пози на историјата“ на 15-иот меѓународен фестивал на глумецот во Никшиќ, Црна Гора, се играше на 29-ти ноември. Лани беше на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински во Прилеп.

 

Елизабета Митреска