Матис: Војската останува на границата до 31-ви јануари
Исцрпени од неколкунеделното чекање и заглавени во камповите, многу мигранти решија илегално да го минат граничниот премин близу мексиканскиот град Тихуана. Не бираат начини како да стигнат до ветената земја. Американскиот министер за одбрана Матис одобри војниците да останат на границата со Мексико до 31-ви јануари.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ги одобри плановите да се продолжи распоредувањето на американските војници на јужната граница со Мексико до 31-ви јануари. Барањето го упати Министерството за внатрешна безбедност. Војската е распоредена долж Калифорнија, Аризона и Тексас.
Според неименувани претставници бројот на војници од 5.400 би требало да биде намален на околу 4.000.
Американскиот претседател Трамп претходно нареди распоредување активни војници на границата со Мексико, како одговор на краванот мигранти кои од земјите од Централна Америка се движат кон САД.
Од средината на октомври, илјадници мигранти претежно од Хондурас, го пропатуваа северот од Мексико во караван, дел од нив минувајќи го поголемиот дел од патот пеш. Некои бегалци ризикуваат речиси извесен затвор прекачувајќи се преку оградата со надеж дека илегалниот влез ќе им дозволи да аплицираат за азил. Исцрпени по неколкунеделни неизвесности, многумина, пак, во очај решаваат да ги избегнат законските процедури и да се обидат нелегално да влезат од тихуана.
„Сета жртва ќе се исплати, ќе даде Господ“, вели еден мигрант од Хондурас.
„Бог нека ја заштити. Тие не се животни, туку човечки суштества. Овде во засолништето живеат како свињи на земја. Подобро да заминат и да бараат политички азил. Бегаат од сиромаштија, криминал“, изјави Естебан Асенсио.
Трамп се обиде да ги промени процедурите за барателите на азил да останат во Мексико додека нивните случаи се разгледуваат, што засега е одбиено од судовите.
Марина Ристова
