Заев на средба со европратениците Мекалистер и Флекенштајн

05.12.2018 12:33

Силна поддршка за реализација на Договорот од Преспа низ Парламентот и за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ...

Силна поддршка од Европскиот парламент за Договорот од Преспа. Оценет е како пример пред сѐ за регионот на Западен Балкан, но и пошироко за цела Европа. Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со европратениците Дејвид Мекалистер и Кнут Флекенштајн. Изразена и силна поддршка за перспективите на Македонија во Европската унија и во НАТО. Европратениците изнесоа очекување дека уставните измени ќе бидат донесени во Парламентот, како и дека Македонија со уште побрзо темпо ќе ги продолжи интеграциите во ЕУ.

Како што соопшти владината прес- служба, премиерот Заев ги соопштил очекувањата околу гласањето на уставните амандмани, согласно Договорот од Преспа, во Парламентот, како и реформите што се прават во безбедносните служби, правосудството, јавната администрација, очекувањата за реализацијата на реформите за борбата против криминалот и корупцијата, како и во медиумската сфера.

„Очекуваме во втора половина на јануари да се изгласаат уставните измени. Низ инклузивност, преку амандманите, и опозицијата се вгради во овој процес, а од денеска се отвора и јавната дебата, по што Владата ќе го достави финалните решенија до Парламентот. Нашите очекувања се дека уставните амандмани ќе добијат широка политичка поддршка во Собранието, со што ќе се овозможи реализација на Договорот од Преспа. Паралелно работиме на реализацијата на реформите во клучните области, што очекуваме да ги заокружиме до март. Поканата за НАТО и можноста за почеток на преговорите со ЕУ е висока мотивација за институциите во реформскиот процес, којшто е потребен за ЕУ, но и за квалитетот на живот на граѓаните на Македонија“, изјави премиерот Заев.

На средбата се разговарало и за други актуелни политички прашања во Македонија и во регионот.