НАТО

Столтенберг го поздрави напредокот на Македонија, повика на имплементација на спогодбата од Преспа

05.12.2018 12:55

Во Брисел состанок на шефовите на дипломатиите на земјите- членки на НАТО. На маса напредокот на земјите од Западниот Балкан. Генералниот секретар на Алијансата го поздрави напредокот на Македонија. Уште еднаш повика на целосна имплементација на спогодбата од Преспа...

На вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите- членки на НАТО, брифинг за Западниот Балкан. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг  го поздрави напредокот на Македонија, изразувајќи надеж дека ќе станеме 30 земја- членка во Алијансата. Уште еднаш повика на целосна имплементација на договорот со Грција.

„Безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан е најважен за НАТО. Имаме силни врски со сите земји од овој регион“, нагласи Столтенберг.

На министрите им се придружи и шефицата на дипломатијата на Европската унија, Федерика Могерини.

„ЕУ многу работеше последниве години со сите партнери на Западниот Балкан. Ја реафирмираме јасната европска перспектива за сите партнери во регионот. Сакам да нагласам дека Западниот Балкан е клучен за европската безбедност и нашата соработка со партнерите е исклучително добра особено против тероризмот, организираниот криминал, и радикализацијата. Работевме да го поддржиме договорот за името меѓу Скопје и Атина“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

Тема на разговорите, меѓу другото, напредокот на Македонија кон членството во НАТО, и приближувањето на Босна и Херцеговина кон Алијансата.