Притвор за поранешниот директор на УБК
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање кој синоќа беше уапсен и изведен на распит пред истражен судија, по предлог на Обвинителството доби 30-дневен притвор. Се сомничи за кривично дело- здружување поради непријателска дејност. Тој беше посочен од дел од обвинетите за настаните од 27-ми април во Собранието дека го организирал упадот во парламентот...

Триесетдневен притвор му одреди судија на претходна постапка на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. Обвинителството го товари за кривично дело „здружување поради непријателска дејност“, за собраниските настани.
Неговото апсење следува откако на минатите рочишта за „27 април“ од дел обвинети, Атанасовски беше директно посочуван како главен организатор на упадот во Собранието минатата година.
Обвинителката Русковска рече дека притворот го барале поради опасност од бегство и дека истрагата ќе биде проширена. Како што посочи, досега нема индиции дека претседателскиот кабинет бил инволвиран во собраниските настани. Според одбраната, барањето за притвор е беспредметно.
Владимир Атанасовски го наследи директорското место во УБК од Сашо Мијалков во 2016-та година. На чело на управата бил до јуни 2017-та.
Наташа Гркова- Петрушевска
