Пазар на труд

Недостига квалификуван кадар

05.12.2018 14:17

Во Македонија има висок процент на невработени, но на пазарот на трудот недостига кадар со квалификации какви што се потребни за економијата. Ова е реалната состојба со која се соочува бизнисот. Надлежните посочуваат- проблем е образовниот систем.

Во Макадонија има голем број невработени млади луѓе, а на бизнис- секторот му недостига квалификуван кадар. Јазот постои оти недоволно ученици се решаваат за стручно образование. Почнува медиумска кампања за промена на состојбата.

„Запишувањето во средните технички училишта не ги скратува можностите за кариерата на нивните деца, на младите луѓе, туку напротив им гарантира дека може да имаат сигурно вработување после завршување на средното училиште, но тоа не ги намалува нивните шанси и можности за продолжување на универзитетското образование“, смета вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Компаниите кои ги финансираме во планот за економски раст на Владата оваа година, веќе во процес на вработување се повеќе од 500 луѓе зборуваме за компании во делот на техничките струки, со просечна плата од 48 илјади денари“, изајви Јован Деспотовски, Фонд за иновации и технолошки развој.

Во земјава има многу слободни работни места кои се добро платени, но за нив е потребно соодветно стручно образование. Потребно е да се промени образовниот систем и да се воведат квалитетни програми.

„Но, нашите млади луѓе во моментов се на еден мост во кое високото образование значи неработење, или дека помалку ќе работите ако имате високо образование. Но, тоа значи дека веројатно и нема да работите. Ние во моментов сме во една ситуација во која што имаме голем број на невработени по статистички индикатор, но индустријата и стопанските комори велат- дајте квалификувани работници“, вели Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

„Овој тип на образование обезбедува најголема веројатност веднаш по завршување на соодветниот степен на образование поединецот да обезбеди работен ангажман и да го материјализира знаењето“, додава министерот за образование, Арбр Адеми.

Надлежните велат - мерките за преквалификација и доквалификација можат да помогнат во надминување на јазот меѓу понудата и побарувачката на трудот. Сепак, бизнисмените треба да кажат каков квалификуван кадар им е потребен.

 

Андријана Атанасовска