Брисел

Членството во НАТО- гарант за безбедноста

05.12.2018 15:38

Напредокот на земјите од Западниот Балкан пред на шефовите на дипломатиите на земјите- членки на НАТО. Генералниот секретар на Алијансата го поздрави сработеното од Македонија. Уште еднаш повика на целосна имплементација на спогодбата од Преспа. Се очекува Македонија да стане полноправна членка напролет 2020-та година и дека членството ќе значи гаранција за нејзините сегашни граници, изјави шефот на дипломатијата Димитров...

Евроатланската интеграција на земјите од Западниот Балкан на дневен ред на министерскиот состанок на НАТО во Брисел. Безбедноста на Европа зависи од безбедноста на регионот, порача генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

„Безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан е најважен за НАТО. Имаме силни врски со сите земји од овој регион“, нагласи Столтенберг.

Шефовите на дипломатиите на земјите- членки на Алијансата и на ЕУ разговараат за прогресот на Македонија кон членството во НАТО. Ја повторија поддршката за договорот за името меѓу Скопје и Атина.

„ЕУ многу работеше последниве години со сите партнери на Западниот Балкан. Ја реафирмираме јасната европска перспектива за сите партнери во регионот. Сакам да нагласам дека Западниот Балкан е клучен за европската безбедност и нашата соработка со партнерите е исклучително добра особено против тероризмот, организираниот криминал, и радикализацијата. Работевме да го поддржиме договорот за името меѓу Скопје и Атина“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

Министерот за надворешни работи Димитров, пред претставниците на НАТО повтори дека Македонија ќе го спроведе договорот со Грција. Ќе продолжи со реформите и со учеството во операциите на Алијансата.

„Има консензуална поддршка за Макеоднија. Планот е штом заврши процесот кај нас, да се финализира пристапниот протокол, кој заедно со договорот од Преспа ќе оди на ратификација во Атина, во грчкиот Парламент. Потоа, зависи и од останатите парламенти на 28 земји- членки, кога ќе се формализира и нашето членство, а тоа најверојатно ќе се заклучи некаде пролета 2020 година“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Министерскиот состанок во Брисел заврши со средба со сите земји контрибутори во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Македонските претставници повториле дека Македонија останува доверлив партнер и дека ќе го зголеми учеството во Авганистан.

 

Игор Панов