Аерозагадување

Битола: Воздухот загаден десет пати повеќе од дозволеното

05.12.2018 15:48

Уште на почетокот од зимата битолчани стравуваат за своето здравје. Деновиве загаденоста се движи десет пати повеќе од дозволеното ниво. Истаражувањата на регионалното здружение „Геосфера“ покажаа дека домаќинствата се најголеми загадувачи и бараат промена на некои законски акти. Од РЕК Битола демантираат дека се најголемиот индустриски загадувач. Велат, преземените краткорочни и долгорочни мерки се рефлектираат на мерењата на мерните станици.

Деновиве битолчани кои живеат во централното подрачје и пониските места буквално се гушат, посебно во утринските и вечерните часови. Загаденоста на воздухот достигна и до над 500 микро грама штетни честички на метар кубен, или десет пати повеќе од максималната дозволена концентрација.

„Мислам дека загаденоста посебно доаѓа до израз во утринските часови. Воздухот мириса, се чувствува на тешкото дишење. Треба под итно да се бараат соодветни мерки“, вели еден битолчанец.

„Секое утро и вечер се чувствува неубава миризба, сигурно дека влијае на здравјето бидејќи секој различно поднесува“, додава друг битолчанец.

„Тешко е мислам дека во загадувањето влијае и РЕК Битола, оџаците на станбените згради па и возилата“, вели негов сограѓанин.

За шпекулациите да бидат помали, засега се користат податоците од истражувањето на здружението „Геосфера“.

Според истражувањата на регионалната „Геосфера“ започнати уште од лани, во вкупното загадување со 70 проценти учествуваат домаќинствата, остатокат отпаѓа на индустријата и возилата.

Од таму барат промена на законските акти во однос на доставувањето на огревното дрво. Истражувањата покажале дека најголема причина е горењето на влажно огревно дрво...

„Да се обврзат шумските претпријатија да вршат соодветно складирање, а потоа дистрибуција на огревното дрво со под 20 проценти влага. Во таква состојба нашите калкулации велат дека загаденоста ќе се намали и за половина“, вели претседателот на „Геосфера“, Мите Ристов.

Од РЕК Битола не се согласуваат дека се најголемиот индустриски загадувач. Велат, ефектите од преземените краткорочни и долгорочни мерки се рефлектираат на резултатите од мерните станици.

„Го почнавме проектот на посипување на одлагалиштето на пепел кое беше со површина од 30.000 метри квадратни, а сега е само 4.000 метри квадратни. Исто така се работи на систем на прскање на пепелта, кој до крајот на годината ќе биде завршен“, вели директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

Ковачевски вели дека месецов треба да ги започнат преговорите за добивање на А интегрираната дозвола што ќе значи уште поголеми аеро- стандарди. Според екологистите, крај со маките од загадувањето може да се стави со поскора релизација на проектот за гасификација на Пелагонискиот регион.

Стевче Митревски