Милиони деца во Јемен живеат во ужасни услови
Продолжуваат страдањњата на децата во граѓанската војна во Јемен. Двете стран и нивните поддржувачи не водат грижа за најмладите, предупредува УНИЦЕФ. Гладуваат над 400 илјади деца, а 1,5 милиони се недоволно нахранети...

Регионалниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка, Гирт Капелаере изјави дека милиони деца во Јемен живеат во ужасни и срамни услови, без речиси воопшто храна. При неговата посета, тој констатираше дека во последните три години, конфликтот во земјата меѓу владините сили, поддржани од Саудиска Арабија и бунтовниците потпомогнати од Иран се претворил во нешто повеќе од само граѓанска војна, туку во хуманитарна катастрофа.
„Условите во кои живеат децата се ужасни. Речиси нема храна. Благодарение на УНИЦЕФ имаат вода за пиење, но речиси немаат никакви санитарни установи. Не е чудо што во ваквите места заразите како колера или акутната дијареа предизвикана од водата ги погодуваат сите, а особено децата“, изјави Гирт Капелаере, регионален директор на УНИЦЕФ.
Според податоците на ОН, на секои десет минути во Јемен умира по едно дете, гладуваат повеќе од 400 илјади. Околу 1,5 милиони се нехранети и им е неопходна помош за да преживеат, но постои опасност децата да не ја добијат помошта. Повеќе од 2.700 деца се регрутирани во борбите, 6.700 се убиени, над 1,5 милион се раселени.
Во вакви околности, во Шведска по покровителство на ОН, делегации на меѓународно признаената влада на Јемен и на бунтовничкото движење Хути почнаа преговори за ставање крај на војната.
„Со задоволство сакам да ви соопштам дека е постигнат договор за размена на затвореници. Ова е огромен придонес на сите присутни овде и е од огромна важност за илјадници семејства кои ќе може да се обединат. Ова е резултат на ефективна и активна работа на двете делегации. Иднината на Јемен е во вашите раце“, изјави Мартин Грифитс, специјален претставник на ОН.
Јемен е погоден од длабока политичка криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна. Уништена е инфраструктурата во земјата, вклучувајќи го здравството, водоводната мрежа и канализацијата, поради што он ја опишуваат ситуацијата во земјата како една од најлошоте хуманитарни катастрофи на модерното време.
Марина Ристова
