Министерски совет на ОБСЕ во Милано

Могерини: Договорот меѓу Скопје и Атина дава надеж за целиот регион

06.12.2018 14:47

На Министерскиот совет на ОБСЕ во Милано, земјите членки побараа почитување на фундаменталните принципи на организацијата за гарантирање на суверенитетот, интегритетот и независноста на државите. Ситуацијата во Украина во фокусот на состанокот, а договорот меѓу Македонија и Грција посочен како позитивен пример за разрешување на споровите...

Враќање на мирот и безбедноста во Европа со решавање на конфликтите, ова е пораката од 25-от Министерски совет на ОБСЕ во Милано. Преспанскиот договор за името посочен како начин за мирно решавање на спорот.

„Секојдневно работиме за мир, безбедност и помирување на Балканот. Во ваков тежок момент, договорот меѓу Скопје и Атина дава надеж за целиот регион. Продолжуваме да работиме со Белград и Приштина да постигнат договор за нормализација на односите“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

Шефот на руската дипломатија Лавров, пак, истакна дека проширувањето на НАТО на Балканот е закана за Москва.

„Група земји за да доминира користи уцени и закани и се меша во внатрешните работи на државите. Нивната поддршка за пучот во Украина, притисокот без преседан во Македонија, се потресни примери за тоа. Проширувањето на НАТО и неговото концентрирање на исток, распоредувањето на американските системи за одбрана од проектили во Европа, нелегитимните санкции, доведоа до кризи во евроатлантскиот регион“, рече Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Земјите- членки го поддржаа суверенитетот на Украина. ОБСЕ побара целосно да се почитува Договорот од Минск за решавање на ситуацијата во Украина.

 

Ирина Гелевска