Охрид

Форум за развој на туризмот

06.12.2018 15:46

Стратешкиот развој на туризмот и ефектите од државната политика беше темата на денешниот форум во Охрид на кој дискутираа претставници на четирите стопански комори, експерти и хотелско- угостителски работници. Се разговараше за носење на нови законски решенија кои ќе го подигнат квалитетот на услугите, за субвенционирањето, но и за штетите кои на оваа стопанска гранка може да им ги нанесе новата даночна политика...

Туризмот нуди повеќе перспективи на локално, регионално и глобално ниво, поради што се проценува дека има потенцијал да биде не само профитабилна, туку и водечка економска гранка во Македонија. Растечкиот тренд на овој сектор треба да биде пропратен со соодветни стандарди со кои ќе се подобрат услугите и ќе се спречи нелојалната конкуренција. За таа цел се потребни нови законски решенија, но и проширување наподршката во делот каде што се забележани добри резултати, како што е субвенционирањето.

„Постојниот модел на субвенционирање се однесува само на субвенционирање, приоритетно на туроператори кои носат странски туристи. Особено како Стопанска комора на македонија долг период наназад се залагавме да се менува овој модел на субвенционирање и субвенционирањето особено да го почуствуваат угостителите. Она што за нас е клучно угостителските објекти за ноќевање и угостителските ресторани“, изјави Даниела Михајловска ВасилевскаКоординатор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори.

Експертите сметаат дека даночната реформа негативно ќе се одрази врз развојот на туризмот.

Ние како систем на комори заедно излеговме со став и барање даночната реформа да се одложи на 5 години. Најмногу поради сите проблеми, особено во последниот неколку годишен период каде што фирмите имаа проблеми во своето работење“, вели Љубомир Димоски- раководител на проектот.

„Промена во даночната сфера лошо ќе влијае посебно во делот кај приватното сместување зашто за закупот се менува даночната стапка за 50%, а се намалува делот на прифатените трошоци од 30% на помал износ“, додава Цветко Андреевски- декан на Факултетот за туризам и угостителство- Охрид.

На форумот беше речено дека за проблемите во туризмот треба да се разговара отворено, бидеќи само на тој начин ќе се донесат соодветни законски решенија. До сега многу често се носеле закони и прописи кои не можеле да се имплементираат бидеќи не соодветствувале со реалната состојба на терен.

 

Сашо Нелоски