Кривичен суд

Продолжи судењето за собраниските настани од 27-ми април, сведочеше Александар Василевски-Нинџа

06.12.2018 16:11

Во рамките на предметот за случувањата во Собранието на 27-ми април во Кривичниот суд - Скопје исказ даваше обвинетиот Александар Василевски- Нинџа...

На осмиот кат во белиот дворец на тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, истакнати функционери ги диригирале случувањата во Собранието. Ова го тврди обвинетиот Александар Василевски- познат како Нинџа кој е еден од 33-цата обвинети за настаните од 27 април.

Тој ден, рече Нинџа, дошол во партиското седиште, каде бил сместен командно-оперативниот штаб. Во конференциската сала, меѓу останатите, ги затекнал Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Билјана Бришковска и Митко Чавков.

Сите разговарале на телефон и давале инструкции. Бришкоска ги информирала присутните дека пропаднал планот и дека нивните пратеници во Собранието не си ја завршиле работата, односно не испровоцирале тепачка со цел да се спречи изборот на Џафери за претседател на Законодавниот дом, по што му издала наредба на поранешниот спикер Вељаноски да се отворат вратите. Божиновски телефонски ги повикувал сите општински организации да дојдат во Скопје, додека Јанакиески разговарал со пратениците.

Василевски рече оти по налог на раководството на УБК, во тајна база на Управата биле уништени двата хард диска од безбедносните камери во Собранието, а остатоците од уредите биле фрлени од мост во близина на населбата Автокоманда.

Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски според сведичењето на обвинетиот Александар Василевски- Нинџа биле само фиктивни организатори на протестите за заедничка Македонија. Целокупните случувања и активности за време на протестите, рече Нинџа, биле диригирани од еден центар- партијата ВМРО-ДПМНЕ.

 

Анита Димитријевска