Собрание на РМ

Јавна дебата за даночната реформа

06.12.2018 16:26

Рамниот данок им оди во прилог на богатите- тврди министерот за финансии. Неговите претходници со предлози, бизнисот бара одложување на реформата. Во Собранието јавна дебата...

Експертите, бизнисот и научната фела во Собранието ги спротивставија ставовите за даночната реформа и воведувањето прогресивен данок за оние со високи примања. Според министерот за финансии Тевдовски, само еден процент од вработените ќе бидат опфатени со новината, а парите што ќе се приберат ќе бидат наменети за социјала, здравство и образование.

Според дел од научната фела, не може во ист кош да бидат ставени оние кои заработуваат со труд и оние кои живеат од капиталот што го поседуваат. Предлагаат повеќе скалила на оданочување.

Бизнисот останува на ставот дека реформата треба да се одложи, а претходно да се спроведе опсежна дебата.

За академикот Беџети, предлог- законот е добар, но треба да се прошири и да се зголеми оданочувањето на дивидендите и на другите приходи од капитал.

За поранешниот гувернер Гошев, даночната реформа не треба да се пролонгира, бидејќи само така ќе има подобри работници, подобро здравство и намалена сиромаштија.

На дебатата свои ставови понудија и банкарската асоцијација, ИКТ комората, осигурителната асоцијација. Прогресивното оданочување треба да стартува од јануари.

 

Дијана Ценевска